Глоба од 1.500 до 2.000 евра ќе им биде изречена на лицата што нема да ја почитуваат делумната забрана за движење во шумите и шумското земјиште, објави Министерството за шумарство и водостопанство.
Од вчера во сила стапи делумна забрана за движење во шума во периодот од 6 до 20 часот поради заштита од пожари.
Забраната, која не го опфаќа Водно, ќе трае сѐ до процената дека ризикот од шумски пожари е намален, a движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“ за подрачјето со кое управуваат.
Забраната важи и за движења во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер.