Во последните два дена од Крф се евакуирани околу 2.500 туристи и локални жители, изјави портпаролот на противпожарната служба, додавајќи дека тоа е мерка на претпазливост. Грција се соочува со продолжен период на екстремни горештини што го зголемија ризикот од пожари и загрозени туристи во екот на туристичката сезона.
Десетици илјади луѓе веќе избегаа од пожарот на островот Родос, а многу преплашени туристи се обидуваат да се вратат дома. Грчката телевизија емитуваше слики од долги редици луѓе како влечат куфери по патиштата на островот во саботата, кога беше наредена евакуација. Денеска пожарот на Родос повторно се разгоре и превентивно се евакуирани голем број жители.
Но, и покрај евакуациите и опасноста од пожарите, грчката министерка за туризам, Олга Кафалогјани сѐ уште ги повикува туристите да дојдат на Крф и на Родос. Во изјава за Би-Би-Си, Кафалогјани рече дека ситуацијата на Крф не е алармантна и не наликува на сцените видени на Родос.
– Евакуиравме неколку куќи, но тоа не е ни слично на евакуацијата на Родос, вели Кефалогјани додавајќи дека луѓето треба да продолжат да доаѓаат на Крф како и на Родос.
Освен на Крф и на Родос, пожарите се активни и во северниот дел на Пелопонез, во Каристос на југот на островот Евија и во областа околу северниот дел на Атина. Во многу области на земјата сè уште е на сила црвениот аларм, односно екстремната опасност од шумски пожари.
Ова лето Грција доживеа еден од најдолгите топлотни бранови во последните години, според експертите на грчката национална метеоролошка служба ЕМИ, со температури кои во текот на викендот достигнаа до 45°C во центарот на земјата.
Денеска температурата е во „благ пад“ со прогнозирани температури до 37°С во Атина, додека во централниот дел и на Пелопонез живата треба да достигне до 42°С. На Егејското Море се предвидува силен ветер до 50 км/ч. Топлотниот бран се очекува да продолжи и утре со температура до 44°С, информираат од ЕМИ.