Жозеп Борел, високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, по запалувањето на примероците на Куранот во Шведска и Данска, изјави дека отфрла каква било акција што би поттикнала верска омраза, пренесува Анадолија.

„Во контекст на акциите на некои во Европа кои навредуваат многу муслимани, ЕУ го повторува своето силно и решително отфрлање на каква било форма на поттикнување на верска омраза и нетолеранција“, рече Борел.

Нагласувајќи дека почитувањето на верските заедници е дел од вредностите на ЕУ, Борел рече дека „непочитувањето на Куранот или на која било света книга е отворена провокација“.

Истакнувајќи дека расизмот, ксенофобијата и нетолеранцијата немаат место во ЕУ, Борел продолжи:

„Ќе продолжиме да ги поддржуваме верските слободи и слободата на изразување во земјата и во странство. Но, не е се легално и морално. Сега е време за меѓусебно разбирање и почитување. Овие акти на провокатори им служат само на интересите на оние кои сакаат да не поделат нас и нашите општества“.

Бројни инциденти

Салван Момика, по потекло од Ирак, го запали Куранот под полициска заштита пред џамија во Стокхолм на првиот ден од Курбан Бајрам, 8 јуни.

Момика на 20 јули под полициска заштита ги газеше и Куранот и ирачкото знаме пред ирачката амбасада во Стокхолм.

Во јануари, Расмус Палудан, дански лидер на екстремната десница, запали копија од Куранот пред турската амбасада во Стокхолм, предизвикувајќи осуда од исламскиот свет.

Двајца демонстранти пред неколку дена запалија примерок од светата исламска книга Куран пред ирачката амбасада во данскиот главен град Копенхаген.

Дуо од групата „Дански патриоти“ во понеделникот згазнале на Куранот и го запалиле во лимена фолија покрај ирачкото знаме кое лежело на земја.