Претседателот на Собранието, Талат Џафери, извести дека го добил известувањето од пратениците Изет Меџити, Мерита Колчи Коџаџику и Кастриот Реџепи дека ќе дејствуваат како независна група пратеници и дека предлагаат координатор и заменик координатор, пренесува Радио Слободна Европа.
Но, како што информираат од кабинетот на Џафери, веднаш по добивање на известувањето, писмено ги известил дека не можат да формираат пратеничка група.
„Согласно член 33 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеници кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии. Следствено на горенаведената одредба, немате можност да формирате пратеничка група, ниту да определите координатор и заменици координатори. Со писмено известување до Претседателот на Собранието може секој индивидуално (лично) да го достави известувањето за делување како независен пратеник, така што, нема можност за понатамошно процесирање на известувањето“, се вели во одговорот од Џафери до пратениците Меџити, Коџаџику и Реџепи.