По Слупчане тензично денеска и во кумановско Оризари, група граѓани револтирани бидејќи немале електрична енергија насилно влегле во просториите на ЕВН во Куманово, вработените ги напуштиле работните места.

Ова следи откако селата Оризари и Слупчане останаа без напојување со електрична енергија по дефектот предизвикан од мештаните по упад во мрежата. Од ЕВН велат се додека не се обезбедат нормални услови за работа ниту вработените во ЕВН Куманово, ниту екипите нема да работат на санција на дефектите.

„Селото Слупчане и Оризари се уште се без напојување. Се додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција нема да работиме на санација на дефекти или извршуваме редовни работни активности во овие села.“ – велат од ЕВН.

Од електродистрибуција додаваат дека во текот на изминатото деноноќие биле санирани други дефекти во селата Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце, а во текот на ноќта мештаните на Слупчане предизвикале и нов дефект, што без струја ги остави и селата Матејче, Виштица и Никуштак.

По блокадите на граѓаните од Слупчане, кои повторно не дозволуваа екипите од ЕВН да влезат во селото и создадоа нови дефекти во мрежата, министерот за економија Крешник Бектеши вели дека секој граѓанин што се снабдува со електрична енергија во државата има обврска да плати.

„Ги повикуваме сите надлежни институции да постапат согласно нивните надлежности и да се реши проблемот со снабдување со електрична енергија во Слупчане и околните села и да се овозможи работа на екипите на ЕВН Македонија.“ – рече Бектеши.

Ова не е прв ваков случај. Пред неколку недели жители на Слупчане ветија дека ќе доволат екипи на ЕВН да влезат во селото и да ја модернизираат мрежата. Како што веќе објави ТВ 24 според информациите во Слупчане 80 отсто од потрошената електрична енергија се краде, а само 20 отсто од жителите си ги плаќаат сметките.