Оставките кои министрите на ДУИ ги најавија дека ги депонираат до премиерот Димитар Ковачевски и ќе бидат валидни под услов само ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени, ја ставија најголемата опозициската партија во позиција во која нема голем простор за калкулации. Со ваквиот потег практично ДУИ го исполни барањето на Христијан Мицкоски на лидерската средба во јуни кога побара министрите од ДУИ да си заминат од власта и да влезат кадри од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ велат дека Мицкоски сега е на потег со што ќе одлучи дали е за ЕУ или е за изолација, објавува ТВ21.

„Откако министрите на ДУИ поднесоа оставки, кои ќе се ефектуираат веднаш откако пратениците на ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени, сега на потег е Христијан Мицкоски. Со претходно донесените одлуки на Централниот одбор на СДСМ, како и со последната одлука на ДУИ,, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Владата без ДУИ. Уставните измени се влезени во собраниска процедура, јавно се објавени и откако нивната содржина е јавно достапна, никој, па вклучително и Мицкоски нема ништо против таквите измени.“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

Во моментов ракавицата е фрлена кон Мицкоски, кој по ваквиот предлог и не се појави да одговори дали ќе го прифати тоа што и самиот го бараше на лидерската. Портпаролот на партијата Наум Стоилковски го повтори она што деновиве го зборува Мицкоски дека уставни измени нема да има и дека и СДСМ да си поднесат оставки за предвремени избори. Потешко им е на СДСМ отколку на ДУИ да прифатат дека Артан Груби нема да им биде де факто премиер рече Стоилковски.

„Уставни измени со вакви фолирања нема да има. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ако сака Артан Груби веднаш нека си поднесе оставка, но проблем не е само ДУИ, туку и СДС да поднесат оставки ама неотповикливи и да одиме на брзи предвремени парламентарни избори бидејќи се друго е одолговлекување и играње играчки. Добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција од каде што ќе може да одговараат за криминалот и да ја докажуваат својата невиност.“, рече Стоилковски.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби во интервју за косовската телевизија Т7 рече дека по лидерскат средба на Ковачевски и Мицкоски единствен услови за ВМРО-ДПМНЕ да ги гласа уставните измени беше излегувањето на ДУИ од Владата. Ние ќе се откажеме од власта само опозицијата да ги гласа уставните измени, рече Груби.

„После ова барање на ВМРО, ние го прифативме веднаш и по неколку недели видовме дека нема резултати и со цел да влијаеме да го реализираме целото ова ветување и барање на ВМРО, ние доставивме писмени оставки кои господинот Ахмети му ги достави на премиерот Димитар Ковачевски. Ние рековме дека за европската иднина на земјава на Северна Македонија, рековме дека сме подготвени да се откажеме и од привремена Влада и од премиер Албанец во овој мандат и од нашите мандати. Од се што е предмет на политичко-партискиот договор на коалицијата ние се откажуваме само македонската опозицијата да ги гласа уставните измени.“, изјави Груби.

Минатата недела на Комисијата за уставни прашања беа изгласани заклучоците за пристапување кон измена на Уставот на која ВМРО-ДПМНЕ гласаа против. По ова расправата за потребата од уставни измени поминува на пленарна седница која е закажана за 18 август, но опозициските пратеници остануваат на ставот дека ќе гласаат против. По ова, претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, ќе го одложи гласањето.