По иницијативата на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон пред Сенатот предложи резолуција во која се бара во септември оваа година да се слават македонскиот јазик, историјата и културата на македонските Американци.

Како што пишува Гласот на Америка, во резолуцијата се наведува дека е важно да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области, вклучувајќи уметност, наука, бизнис, политика, медицина и спорт, и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци.

-Оваа резолуција е особено важна во време кога државата се соочува со негирање на македонскиот јазик и идентитет од страна на Бугарија, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Мето Колоски, коосновач и волонтерски претседател на ОМД.

Во резолуцијата се наведува дека од 1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија.

Се проценува дека во САД денес живеат околу 500.000 граѓани со македонско потекло, а најмногу од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

Македонско-американската заедница во САД е енергична заедница која е вградена во мозаикот на САД, учествувајќи во сите сфери на животот – бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, владата, војската, образованието, уметноста, кулинарскиот свет, атлетиката и многу повеќе, а македонските претприемачи покажаа издржливост, решителност и посветеност на напорна работа преку надминување на предизвиците за постигнување деловен успех и придонес кон основање на трговијата во САД“, стои во текстот на резолуцијата.

Во резолуцијата се напоменува и успехот на спортистите со македонско потекло, придонесот на македонските Американци во уметноста, како и медицината.

Брон е единствен сенатор кој е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот. Резолуцијата прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.