-Единствен исправен начин за дознавање на вистината е преку институциите. Така што, треба да ги оставиме институциите да си ја вршат надлежноста, кратко изјави Рашковски.
Од Владата велат дека токму таа ги охрабрила институциите да го проверат случајот.
-Владата работи по највисоките професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност. Затоа, веќе упативме повик и ги охрабруваме надлежните институции да ги спроведат сите постапки и да утврдат дали при набавката на овој софтвер се прекршени какви било процедури, правила, стандарди или е нарушен принципот на избегнување конфликт на интерес, велат од Владата.
Рашковски од позиција на генерален секретар за 81.000 евра набавил софтвер за потребите на МВР, а полицијата воопшто не знаела дека тој е набавен, ниту планира да го користи.
Обвинителството за организиран криминал попладнево соопшти дека отвора предмет за софтверот.
-Следејќи ги повеќедневните натписи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, Обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. По наредбите ќе постапуваат истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, информираат од ОЈО.
Како што велат од Обвинителството, МВР доставило известување во врска со нивното постапување во случајот.