Во интервју за МИА, премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски истакна дека животниот стандард на граѓаните од периодот 2017 година па до денес е сериозно подобрен.
Според Ковачевски, тоа го потврдуваат и официјалните статистички податоци, односно ако ја увидиме како се движела реалната куповна моќ на граѓаните, ќе видиме дека животниот стандард од 2017 до денес се има драматично подобрено. Кумулативно, инфлацијата од мај 2011 година до мај 2017 година изнесувала 5,7%, а растот на нето платата 9,2%, односно реалната куповна моќ на граѓаните се зголемила за 3,5%.
-Во периодот пак од мај 2017 година до мај 2023 во период на пандемија како и голема економска и енергетска криза во која инфлаторниот бран не поштеди ниту една национална економија, кумулативно инфлацијата се зголемила за 29,1%, Во истиот период, растот на просечната палта изнесуваше 59,3%. Тоа значи дека и покрај високиот ценовен притисок врз животниот стандард на граѓаните, како резултат на економски политики успеавме куповната моќ на граѓаните да ја зголемиме за 30,2 процентни поени. За шест години на владеењето на претходната конзервативна Влада реалната куповна моќ на граѓаните или ако сакате животниот стандард пораснал за 3,5%, додека за шест години на оваа Влада за 30,2%“ порача Ковачевски.
Тој најави дека инфлацијата и во иднина ќе се намалува и до крајот на годината се очекува овој тренд да продолжи и да се одржи едноцифреното ниво на инфлацијата, а во наредната година да биде околу 2 отсто додека паралелно на тоа, ќе растат и платите како минималната, така просечната, пензиите и платите во јавниот сектор.