Пресудата е неправедна, немам зборови, катастрофа, рече мајката на 11-годишната Магдалена, Емилија Иванова, која беше смртно прегазена на пешачки премин во Велес во декември минатата година, објави Макфакс.

„Не сум задоволна, ова не е доволно за возачот да извлече поука и да не го повтори делото. Која поука би можел од ова да ја извлече? Тоа значи дека тој цело време може да го повторува делото затоа што казните ќе му бидат многу мали. Правдината е да си биде осуден како што треба, без притисоци, без врски, казна како што треба да има“, изјави Иванова за „Макфакс“.

Таа додаде и дека е разочарана од судството во земјата.

„Разочарана сум премногу. На сето тоа тој што го има, без возачка дозвола, во алкохолизирана состојба на пешачки премин, со брзина од 120 км/ч возење, ова е катастрофа. Ние немаме никакво судство, ништо немаме. Но, тоа што јас го кажувам секако ништо не менува“, додава Иванова.

Пресудата на Апелација за велешанецот Николов е донесена по пет месеци од изрекувањето на првостепената бидејќи тој издржува притвор поради опасност од бегство, кој му беше изречен сѐ до правосилност.

Возачот Николов беше во бегство, а по два дена, полицијата го уапси. Тој го управуваше возилото „мерцедес“ со прекумерна брзина, како што и призна. Освен жртвата, 11-годишното девојче, повреди имаше и мајката.