Бројот на повредени во експлозијата во магацин со пиротехничка опрема, во фабриката Загорск во градот Сергиев Посад во близина на Москва, се искачи на 45, соопштија денеска локалните власти.
Вкупно 23 лица се хоспитализирани, од кои шест се на интензивна нега. Руски медиуми објавија дека несреќата не е предизвикана од напад со дрон, туку дека е одговорен „човечкиот фактор“.
Во експлозијата е уништен хангар со површина од 1.600 метри квадратни, кој бил закупен од приватна компанија на земјиштето на фабриката, а од силината на експлозијата пукнало стаклото на неколку куќи во близина на фабриката. Оптичко-механичката фабрика Загорск е водечки производител на оптички и електронски уреди што ги користат полицијата и здравствените работници.