Градоначалникот на Општина Желино, Блерим Сејдиу во изјава за ТВ Сител вели дека барањето на министерството за одбрана за изградба на споменик за десетте загинати припадници на македонската армија во конфликтот во 2001 г. пристигнало денес, но општината нема можности да гради на самиот автопат, па затоа за градба таму ќе треба да се обрати до ЈП за државни патишта, објави 360 степени.
Откако министерката за одбрана, Славјанка Петровска пред два дена најави дека ќе испрати барање за дозвола за изградба на споменик за десетте војници кои ги загубија животите на автопатот Скопје-Тетово кај месноста Карпалак до Општина Желино, денеска градоначалникот на општината се амнестираше од одговорност за давање на дозвола, велејќи дека прашањето најпрвин треба да се постави до ЈП за државни патишта, бидејќи споменикот би требало да се изгради на самиот автопат.
„Јас како градоначалник ако сакам да градам на самиот автопат некој споменик не ќе можам. Морам да се обратам до ЈП за државни патишта. Значи, Законот го вели тоа. Плус тоа, таму нема урбанистички проект. Законот вели така. Треба да урбанизира прво, да се види дали има услови, итн., итн. Но во самиот автопат, каде што е предвидено тоа директно е надлежен ЈП за државни патишта”, вели градоначалникот Блерим Сејдиу за ТВ Сител.
На одбележувањето на 22 годишнината од масакрот кај Карпалак, како и секоја година, едно од главните прашања беше дали ќе се изгради спомен-плоча која би била достојна за да се оддаде почит на паднатите борци, бидејќи сега единствен потсетник е малата плоча која стои на банкина покрај самиот пат, а која честопати во минатото беше мета на вандализам. Министерката Петровска се сложи со констатацијата дека тие заслужуваат достоен споменик и рече дека ќе испрати барање до Општина Желино за дозвола за изградба на споменик, кој би бил целосно финансиран и реализиран од страна на Министерството за одбрана.