Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, попладнево беше повикан во полициската станица Бит Пазар да даде изјава 5 дена по посетата на премиерот на Косово, Албин Курти. По разговорот, Ганиу изјави дека против него се поднесени две прекршочни пријави: Едната за неинтонирање на државната химна, а втората за неистакнување на државното знаме на Македонија.
Ганиу смета дека пријавите се резултат на политичко влијание. Сличен повик од МВР доби и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами. Во неговата реакција потоа, тој истакна дека комунизмот не е мртов, туку е жив и во живот го одржуваат Али Ахмети и Арбен Таравари. Според Касами, ваквите обиди за заплашување и замолкнување како во времето на комунизмот, воопшто не ги плашат.
Тој дури вели дека уцените и обидите за попречување на здружената опозиција доаѓаат од корумпираните и уценети луѓе во власта кои си ги бројат деновите на функција.