Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега 318.793 граѓани изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk , соопшти Министерството за здравство.
На вакциналните пунктови во државата, како што се посочува, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 135.574 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.976 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.976 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 160.425 дози вакцини, а ревакцинирани се 24.851 граѓани. Со последните бројки 35 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.
– Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk , а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид, информираат од Министерството за здравство и апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.