Освен ако цените на енергенсите или електричната енергија драстично не се зголемат како минатата година, лебот нема да поскапи, уверуваат мелничарите. Но, и доколку се случи поскапување на енергенсите или струјата, тие очекуваат Владата да реагира навремено и да не дозволи поскапување на основниот прехранбен продукт.
Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, Горан Малишиќ, го оцени како шпекулација прашањето за можното поскапување на лебот, кое, како што вели, е поттикнато во јавноста поради зголемувањето на цените на другите основни прехранбени продукти.
Малишиќ уверува оти, согласно моменталните берзански цени на пченицата, цените на брашното и на индустриски произведениот леб ќе го задржат истото ниво подолг период.
„Покрај овие берзански индиции, нашата Групација во консултации со своите членки, односно во консултации со најголемите индустриски производители на леб, утврди дека темата за зголемување на цената на лебот се само шпекулации во јавноста поттикнати од страна на зголемувањето на цените на другите основни производи“,вели Малишиќ.
Темата за поскапувањето на лебот вчера како шпекулативна ја оцени и министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој напомена дека нема промени во цената на основниот прехранбен продукт и апелира во време на криза да не се шпекулира со поскапувања. Додаде оти Владата е подготвена да разговара со мелничката индустрија и да реагира соодветно на она што може да влијае од аспект на ценовната криза.