Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, соопшти дека САД немаат индиции дека авионот на шефот на руската паравоена група „Вагнер“ Евгениј Пригожин, што се урна во средата во руската област Твер, бил соборен со ракети земја-воздух.
„Оценуваме дека таквите информации се неточни. Јасно е дека знаеме дека групата ‘Вагнер’ има многу пипала, некои од воена природа, некои од криминална природа, во Африка. Мислам дека никој нема да ја намали опасноста од таа група или нејзините остатоци“, рекол Рајдер и додал дека Пентагон верува дека Пригожин е мртов, но дека тоа се уште не е потврдено, пренесува „Гардијан“.
Тој посочил дека американските претставници ќе продолжат да ги следат активностите на „Вагнер“ во Африка.
Во телевизиското видеообраќање, кое го пренесе Би-би-си, рускиот претседател Владимир Путин вчера изрази сочувство до семејствата на сите загинати во авионската несреќа, но директно не потврди дека меѓу жртвите е и шефот на „Вагнер“. Сепак, кажа дека прелиминарните информации говорат за присуство на членови на платеничакта група во авионот што се урна завчера северно од Москва, а во кој нема преживеани.