Министерството за надворешни работи (МНР) ќе префрли 1,8 милиони евра на сметката на градежната фирма „Еуровиа“ од тетовско Желино, која треба да го адаптира Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје во декември годинава, објавија повеќе медиуми.
Фирмата, чиј извршен директор е Елмедин Адеми – роднина на поранешниот министер од редовите на ДУИ, Абдилаќим Адеми, е избрана меѓу четирите компании што се пријавиле на тендерот. „Еуровиа“, според медиумските објави, е и донатор на ДУИ.
Коментирајќи ги објавите во медиумите дека токму фирма блиска до ДУИ ја добива јавната набавка тешка 1,8 милиони евра, Министерството за надворешни работи, со кое раководи Бујар Османи од ДУИ, денеска преку соопштение објави дека избраната компанија понудила најниска цена од сите што се пријавиле на тендерот.
„Избраната компанија имаше понудено убедливо најниска цена, која достигнува разлика и до два и пол пати пониска од треторангираната и четврторангираната компанија. Увид во постапката и изборот, кој е целосно согласно процедурите, имаат сите институции и јавноста, а одлуката ја потврди и второстепената комисија. За предвидените работи беше склучен договор во рамковен износ до 95 000 000 денари (без ДДВ, н.з.), а ќе се искористи согласно потребите и поединечните цени понудени како најниски за извршените работи“,се наведува во соопштението на МНР.
Во соопштението на Министерството се додава дека постапката е изведена согласно Законот за јавни набавки и со почитување на начелата на економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства, како и обезбедување конкуренција и транспарентност и еднаков третман на економските оператори.
Истакнувајќи ја важноста на конференцијата, која од МНР ја нарекуваат „најголемиот меѓународен политички настан што некогаш се одржал во земјава“, оттаму велат дека ова ќе биде едно од најнискобуџетните претседавања во поновата историја на ОБСЕ, а ќе се вброи во претседавањата со огромен број активности и настани.
„Треба да бидеме свесни дека толку значајните меѓународни активности на секоја земја чинат пари и бараат буџетски издвојувања. Нашиот буџет за претседавањето со ОБСЕ ќе биде најмал во споредба со сите други во последните 10 години. Патем, буџетот на Министерството е транспарентен документ и тој може да се провери“,додаваат од МНР во писменото соопштение.