Ловци на мистерии викендов го преплавија шкотското езеро Лох Нес, во потрага по знаци за постоење на митското чудовиште „Неси“.
Центарот за Лох Нес објави дека истражувачите и волонтерите ќе се обидат да најдат докази за наводното чудовиште, користејќи беспилотни летала за термално сликање, инфрацрвени камери и хидрофони за откривање на подводни звуци во матните езерски води.
Се смета дека ова е најголемото истражување на езерото во последните 50 години и вклучува волонтери кои ја скенираат водата од чамците и од брегот на езерото, а други ширум светот се приклучуваат со веб-камери.
Алан Мекена од Центарот за Лох Нес вели дека целта е „да се инспирира нова генерација ентузијасти“. Мекена за радио Би-Би-Си изјави дека трагачите „бараат бранови на површината и од волонтерите се бара да снимаат секакви природни феномени на езерото“.
Не секој бран е ѕвер. Некои може да се објаснат, но неколку не можат“, вели тој.
Во 1933 година, менаџерот на Центарот, Алди Мекеј, пријавил дека здогледал „воден ѕвер“ во езерото опколено со планина, најголемото по волумен на свежа вода во Велика Британија.
Приказната предизвика трајна светска фасцинација со пронаоѓањето на чудовиштето, предизвикувајќи измами и стотици извештаи од наводни очевидци. Имаше многу теории во текот на децениите, вклучително и дека суштеството би можело да биде преживеан праисториски морски рептил, џиновска јагула, есетра.
Скептицизмот не ги одврати волонтерите меѓу кои е и Крег Галифри.
Верувам дека има нешто во езерото“, вели тој.
Галифри порачува дека е подготвен да прифати што и да е затоа што „мора да има нешто што ќе ги поттикне шпекулациите“.