Сите учебници кои досега се одобрени за користење од страна на Националната комисија за учебници се испечатени и интезивирана е испораката до училиштата. Согласно акцискиот план, целосно завршена е испораката во југоисточниот регион, а во моментов учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).
Процесот на испорака на сите учебници кои се одобрени, вклучително и на најновите за трето одделение кои ќе се дистрибуираат утре, ќе биде целосно завршен на 1 септември. Оние пак кои се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на месец септември, односно веднаш откако ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб страната на Бирото за развој на образованието во чија и сопственост се истите, велат од таму.