Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата која се обезбедува со пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци, соопштија од Комората, пренесува Focus.mk.
Лекарската комора на Република Северна Македонија изразува голема загриженост во однос на вознемирувачките информации изнесени за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија, што доколку се покажат како вистинити ќе значат голема повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност, што треба да бидат приоритет во работата на секој лекар и секој здравствен работник воопшто.
„Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата која се обезбедува со пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци“, соопштија од Комората.
Од таму даваат поддршка на јавно-обвинителскиот систем и органите на истрагата кои, како што велат, очекувааат час поскоро да ги расчистат поставените сомневања и да споделат со јавноста точни информации за тоа што точно се случувало на оваа клиника, која е единствена здравствена установа од ваков тип во нашата земја и каде се лекуваат најголем број од пациентите кои имаат малигни заболувања.
„Исто така, цврсто сме убедени дека на Клиниката за онкологија и радиотерапија има чесни здравствени работници кои совесно, одговорно и професионално ги лекуваат пациентите и овие успешни приказни исто така треба да добијат простор во јавноста, поради што и истакнуваме дека не треба да се даваат колективни осуди, туку точно треба да бидат посочени и санкционирани виновниците врз основа на релеватни докази“, истакнуваат од Комората.
Воедно, велат дека будно ќе ги следат сите случувања и навремено соодветно ќе реагираат во рамките на своите надлежности доколку се докаже дека одредени лекари од оваа клиника сториле злоупотреби со кои ги повредиле етичките принципи и кодексот на медицинската деонтологија.
Во текот на вчерашниот ден, врз основа на судска наредба, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје, информираат од Обвинителството, посочувајќи дека дејствата се преземени во рамки на предистрага поведена врз основа на написите во неделникот „Фокус“.