Mедицинска сестра од Клиниката за радиотерапија и онкологија пред шест месеци беше фатена во кражба на цитостатици, но не ѝ било првпат. После дисциплинската постапка во минатиот случај кога била фатена во кражба на скапите и животоспасувачки медикаменти, не само што не и била одземена лиценцата за работа, туку таа била вратена на работа.
За овој случај пред шест месеци пишуваше „Слободен печат“, според чии извори од Клиниката, неколку месеци во 2020 година медицинската сестра поминала надвор од болницата, затоа што против неа поведена била дисциплинска постапка за украдени ампули, но во екот на ковид пандемијата била вратена на работа и тоа во истиот оддел, во дневната болница каде ги вршела кражбите. Првиот пат, кај неа пронајдени биле ампули Доксорубицин, а вториот пат различни типови на ампули цитостатици, околу 20 на број.