Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука.
Одлуката е донесена на денешната седница и доаѓа како резултат на недостигот на учебници за голем број основци. Комисијата оцени дека немањето учебници значи повреда на правото за еднаков пристап до квалитетно образование.
„Со оваа одлука Комисијата за првпат ја користи законската надлежност да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес“, велат од Комисија за спречување и заштита од дискриминација.
Од Министерството одговорија дека подготовката на учебниците бил многу комплициран процес. Зависел од многу фактори. Оттаму нагласуваат дека согласно законските и подзаконските акти навреме биле почнати сите активности за изработка на учебниците кои се во нивна надлежност.
„Министерството нема правни механизми да влијае на пријавувањето на повици за тимови на автори и повици за рецензенти за нов учебник по даден предмет. Секој неуспешен повик носи повторување, нови рокови и продолжување на постапката. Се случува да бидат потребни корекции во предложените учебници, што доведува и до продолжување на процесот. По прегледот од рецензентите, до конечното одобрување на учебникот, тој мора да го помине филтерот од 17 членови на Националната комисија за училишни текстови“, велат Министерство за образование и наука.
Комисијата за антидискриминација вчера соопшти дека учебната 2023-2024 година започнала со недостиг од 34 отсто од учебниците. Недостасуваат 126 книги за задолжителни предмети, а за изборните во основното образование недостасуваат 43 учебници.