Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ќе учествува на заедничкиот состанок на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДА) на Европскиот парламент.
Според најавата, Столтенберг ќе има воведно обраќање на состанокот, по што ќе следи размена на мислења со пратеници членови на овие две тела на Европскиот парламент посветени на најновите случувања во војната во Украина, за долгорочната поддршка и можноста за безбедносни гаранции од западните земји за Киев, како и за односите меѓу ЕУ и НАТО.
Како што соопшти Прес-службата на НАТО, Столтенберг денеска во седиштето на Алијансата ќе има средби и со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, како и со холандската министерка за надворешни работи Ханке Бруинс Слот.