Претставник на Владата за скандалозните промени на Кривичниот законик е Викторија Аврамовска – Мадиќ, заменик министерка за правда која самата се соочува со прогон за делата чија промена ја бранеше пред парламентот, пренесува Expres.mk.
Со измените се намалија казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, се избриша ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови со запретена казна од најмалку 5 години затвор, максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот.
Викторија Аврамовска Мадиќ која стана позната во јавноста по кривичната пријава за криминал во град Скопје и по најавата дека во уставот ќе влезат Егејците од март годинава се соочува со затворска казна токму за делата по член 353 чии казни власта ги намали.
Практично Аврамовска Мадиќ самата на себе си помогнала да не лежи затвор до 20 години како што предвидува став 5 од членот 353 туку да биде осудена на помала казна до 3 години која може да не ја однесе в затвор.
Град Скопје во март поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење против поранешниот генерален секретар на Град Скопје Викторија Аврамовска Мадиќ, поранешниот помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалник Ваљон Салиху, раководителот на одделението за ИКТ инфраструктура Никола Трајковски, како и вишиот соработник во одделение за координација на активности на градоначалник Влатко Васиљ.
Според Град Скопје претходното раководство на Градот во времето на Петре Шилегов платило над 75.000 евра за изработка на официјален веб портал на Град Скопје кој никогаш не профункционирал во целост, односно била платена поголема сума од реалната за ваков тип на услуга која не била реализирана како што било предвидено.
Викторија Аврамовска Мадиќ од Скопје во својство на Секретар на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба и овластување во периодот од 2018 до 2020 година, потврдила дека во целост е реализиран договор за Изработка на Официјален портал на Град Скопје со миграција на постоечките податоци и Дигитална платформа за интерконекција и управување со веб содржини и постапувајќи несовесно во вршење на своите овластувања и должности, потврдила дека е извршено предавање на платформа и прилагодување на порталот кои активности се предмет на реализација на склучен договор иако знаела дека не е испорачанo IBM ESB.
Иако не била извршена целосна миграција на податоци од постојната веб страна и не бил предаден порталот, сите пријавени на чело
со Аврамовска Мадиќ со свои потписи потврдиле дека се извршени и предадени поединечните фази од наведениот проект, иако знаеле дека дека договорот не е во целост реализиран.
Пријавените Никола Трајковски, Ваљон Салиху и Викторија Аврамовска Мадиќ искористувајќи ја својата службена положба сепак потпишале и одобриле исплата на вкупната вредност на договорот во износ од енормни 4,717,640 денари или над 75.000 евра за услуга која не е целосно извршена и испорачана на Град Скопје согласно договорот, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист за друг и нанеле штета на буџетот на Град Скопје – стои во пријавата која се уште се работи во Обвинителството.