Денеска, во Охрид министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги отвори и се обрати на 21-те по ред Синдикални спортски игри, во организација на Македонскиот полициски синдикат, а во присуство на претседателот на Македонскиот полициски синдикат, д-р Марјан Кицев, претседателот на Советот на Европски полициски синдикати, д-р Рикардо Валадас, државната секретарка во МВР, м-р Магдалена Несторовска, директори на агенции и институции, професори и вработени во МВР. Синдикалните игри се меѓународен спортски синдикален хепенинг, на кој претставници од 15 полициски синдикати од земји од регионов и од Европа, во седум спортски дисциплини, ќе ги прикажат своите спортски, физички вештини и знаења, објави Прес24.
Изразувајќи го задоволството за поканата да ја прогласи за отворена оваа веќе етаблирана традиционална спортска манифестација, министерот Спасовски рече:
„Традицијата на негување на спортскиот натпреварувачки дух, како и запознавањето и другарувањето се значајни вредности за негувањеи надградување, особено кога станува збор за професија како полициската, која се одликува со висок степен на одговорност, посветеност и професионализам во секојдневната работа, но и со потреба од постојана соработка, размена на податоци и искуства со колегите од регионот и од Европа”, рече Спасовски додавајќи дека изминативе години со раководството на Македонскиот полициски синдикат заеднички е испишана историја во синдикализмот во Република Северна Македонија како потврда на слоганот на МПС и МВР дека „Само преку дијалог се доаѓа до вистински решенија“’.
„Со новиот Колективен договор, кој го потпишавме во 2021 година,овозможивме понатамошно квалитативно надградување на сите социјални и професионални, нормативни и други стандарди неопходни за подобрување на условите на работа на вработените. Вредни за споменување се и бројните заеднички кампањи, од кои би ја издвоил заедничката кампања на МВР и МПС, „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“, чија цел е доближување до граѓаните на суштината, вредностите и карактеристиките на концептот – Полициско работење со заедницата, како и најновиот проект за превенција од зависностите од дроги и психотропни супстанци кај младите, под мотото „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот!“”, истакна министерот Спасовски, надополнувајќи дека МПС е респектабилен партнер на МВР.
„Македонскиот полициски синдикат може да се пофали со исклучително богато професионално портфолио во доменот на синдикалното работење и заштитата и подобрувањето на социјалниот статус на вработените во МВР. Затоа денес МПС со право претставува достоен и респектиран партнер на раководството на Министерството, во креирањето на економско-социјалната, но и на професионалната атмосфера во него”, рече министерот Спасовски, со уверување дека и во наредниот период раководството на МПС ќе продолжи по веќе етаблираниот курс на кредибилен заштитник и поборник за синдикални и социјална права на сите вработени, продолжувајќи заедно со раководството на МВР со праксата на динамично подобрување на економскиот и професионален статус на сите вработени.
На крајот од своето обраќање министерот Спасовски на учесниците им посака пријатен престој во нашиот преубав бисер Охрид, и што подобри резултати во предвидените спортски дисциплини.
Претседателот на МПС д-р Марјан Кицев во оваа прилика ги поздрави присутните и им посака добредојде и убав престој во нашиот бисер Охрид. Воедно, тој на учесниците им посака многу успеси во сите дисциплини, и да победи најдобриот. Тој нагласи дека соработката и дружбата меѓу полициските службеници е од големо значење за МПС и МВР, за унапредувањето на безбедносниот систем на државата и со несмален интензитет истите ќе продолжат преку заеднички проекти.