ЛАГ Експо се одржува вторпат и е единствен од ваков тип во земјата каде низ презентации и панел дискусии претставници на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) од нашата и од земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ ќе ги претстават своите активности и ќе дискутираат за теми кои ги засегаат руралните заедници, а се поврзани со одржливиот развој.

Во рамки на ЛАГ Експо 2023 се организира и саемска изложба каде членовите на ЛАГ-овите Бојмија, Беласица-Огражден, Малеш-Пијанец, Абер 2015 и Плачковица ќе ги претстават своите производи, рачни изработки и иницијативи.

„Целта на ЛАГ Експо 2023 е да се споделат искуствата на домашните и регионалните Локални акциски групи, согласно LEADER пристапот и локалните производители да се поврзат со претставници од повеќе индустрии и дејности што ќе придонесе за воведување нови бизнис практики и нови соработки. Се очекува овој саем да прерасне во традиционална годишна активност во источниот дел на државата која ќе го стави на мапата на успешни приказни од регионот и ќе биде носител на развојот на технологијата, иновациите, етичките бизнис практики и развојот на човечки ресурси“, соопшти организаторот на настанот.

На саемот ќе се обратат Андон Сарамандов, градоначалник на Гевгелија, Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Македонија и Балканската мрежа за рурален развој, и претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

ЛАГ Експо 2023 се реализира со поддршка на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Македонија, во соработка со пет Локални акциски групи.