На 19 септември 2023 година се одржа седница на Советот на Народната банка, како и редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Соодветно на тековните економски и финансиски услови, на седницата на Советот беше донесена Одлуката за зголемување на стапката на издвојување задолжителна резерва во девизи, како натамошна поддршка на процесот на денаризација. Воедно, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,15 п.п. до нивото од 6,30%. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,15 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Заради зајакнување на досегашните позитивни ефекти врз валутната структура на штедењето, како и за поддршка на процесот на монетарна трансмисија, Советот на Народната банка донесе одлука за дополнително зголемување на стапката на задолжителна резерва на девизните обврски на банките од 20% на 21%,а зголемен е и процентот на одржување на задолжителната резерва од обврските во странска валута којашто се исполнува во евра, од 80% на 81%. Овие измени ќе се применуваат од 20 декември 2023 година. Измените во задолжителната резерва, заедно со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесат за зајакнување на системската отпорност и претставуваат дополнителна поддршка на монетарните промени. Монетарното затегнување започна од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар и оптималното управување со ликвидноста, а потоа од април минатата година и со зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти.
Одлуката за промена во каматните стапки е условена од најновите податоци и оцени за клучните показатели за монетарната политика, коишто упатуваат на постепена стабилизација, иако сѐ уште постојат ризици. Во согласност со монетарните мерки преземени од крајот на 2021 година наваму, како и намалените притисоци од увозните цени, домашната инфлација и натаму забавува и во август 2023 година на годишна основа изнесува 8,3%. Базичната стапка на инфлација исто така забавува, укажувајќи на значително помали ценовни притисоци од помалку променливите ценовни категории, а во согласност и со постојаното забавување на растот на личната потрошувачка. Во однос на светските цени, и натаму се очекува нивно намалување, при поголема надолна корекција, во споредба со претходните оцени. Сепак, домашната инфлација и натаму е на релативно високо ниво, што претставува ризик за инфлациските очекувања. Овие аспекти, заедно со непредвидливоста на светските пазари заради војната во Украина, налагаат потреба од натамошна претпазливост во водењето на монетарната политика. Со оглед на применуваната монетарна стратегија, при носењето на монетарните одлуки се зема предвид и поставеноста на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), којашто на последната седница повторно ги зголеми каматните стапки заради натамошно стабилизирање на инфлацијата во еврозоната.
Што се однесува до домашната економска активност, во вториот квартал од 2023 година реалниот раст на БДП забави сведувајќи се на 1,1% на годишна основа, од 2,1% во претходниот квартал. Од структурен аспект, растот произлегува од нето-извозот, надополнет и од личната потрошувачка, којашто постепено забавува. Остварувањата во првата половина од годината се малку подобри од проекциите на Народната банка, но ризиците од надворешното окружување за економската динамика и натаму се неповолни. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2023 година со коишто се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина, но засега податоците за јули покажуваат мали негативни движења кај индустриското производство, како и умерено продлабочување на реалниот пад кај прометот во вкупната трговија.
Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на август е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.Од почетокот на годината, девизните резерви бележат раст, при поволни поместувања на девизниот пазар. Народната банка, збирно од јануари наваму, интервенира со нето-откуп на девизи, при исклучително поволни движења во текот на периодот јули ‒ август. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јули 2023 година засега е понизок од очекувањата според априлската проекција, но периодот на оцена е премногу кус за да можат да се изведат попрецизни заклучоци. Податоците за менувачкото работење заклучно со август 2023 година упатуваат на подобри остварувања и повисоки нето-приливи од приватните трансфери, во однос на априлската проекција.
Во монетарниот сектор,последните податоци заклучно со август 2023 година и натаму упатуваат на посилен раст кај депозитите во однос на априлските очекувања, а на кредитниот пазар кредитната активност е во согласност со очекувањата во априлската проекција.
Општо земено, последните расположливи податоци за клучните макроекономски показатели укажуваат дека е неопходна натамошна претпазливост во водењето на макроекономските политики коишто може да влијаат на побарувачката. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, стои во соопштението на Народната банка.