Владата на Србија го прогласи 27 септември за Ден на жалост поради, како што наведоа, „трагичните настани“ на Косово.
„Владата на Србија бара од сите медиуми и организатори на јавни настани да ја прилагодат својата програма на Денот на жалоста во среда, 27 септември и со тоа да им оддадат почит на жртвите во Косово“, беше соопштено по вонредната седница на Владата на 26 септември.
Водечката партија на косовските Срби „Српска листа“ соопшти дека 26, 27 и 28 септември се прогласени за „денови на жалост за смртта на нашите сограѓани во трагичен настан во Бањска, општина Звечан“.
Тие изјавија дека во српските средини во Косово се откажуваат сите забавни настани организирани од органите и институциите на локалната самоуправа, а „знамињата на Република Србија ќе бидат спуштени на половина копје на сите институции“.
Да потсетиме, косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обиде да ги отстрани барикадите поставени во Бањска и Звечани. Загина полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени.
Вооружената група која на 24 септември се судри со косовската полиција се засолни во манастирот Бањска, по што косовската полиција ги неутрализира и соопштено е дека се убиени тројца напаѓачи.