Денеска од Охрид под слоганот „Важно е! Од тебе зависат промените”, ВМРО-ДПМНЕ ја стартува својата кампања која ја најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Како што соопштија од партијата, кампањата ќе се реализира следните два месеци и ќе биде во два дела, односно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе има теренски посети низ општините, додека во вториот дел е предвидено да се одржат дебати на различни теми во различни општини на кои ќе бидат опфатени актуелните случувања кои ги мачат граѓаните.
Според нашите информации, од партијата ќе понудат и принципи по кои би се воделе кога ќе ја преземат власта и за кои тие сметаат дека треба да се движи државата.
Мицкоски ќе оствари голем број на средби со целни групи, но и со граѓани, а како што информираа првата теренска посета ќе биде токму во Охрид.
Предвидено е да оствари средба со туристичките работници, прошетка низ чаршијата во Охрид, средба со пензионери, а попладне ќе одржи говор и ќе има можност да разговара со граѓаните, да ги слушне нивните размислувања, како и да одговори на нивните прашања.
Наративот кој што ќе биде дел од дебатите во општините ќе биде токму лошата и тешка состојба во која се наоѓаат граѓаните, безпарицата, лошата економска состојба, владеењето на криминал и корупција наспротив владеењето на право и правда, националните понижувања, лошиот имиџ на македонската дипломатија, хаосот во земјоделството, образованоето, спортот, како и иселување на младите и празнењето на државата. Но, и борбата за достоинство, иднина и промени кои ќе значат просперотетна Македонија.
По кампањата и акцијата која што ВМРО-ДПМНЕ успешно ја реализираше, а беше насловена како „Ова е Македонија“, „Македонија за сите“ на која се одржаа трибини на отворено и граѓански собири во 12 општини, а учествуваа 19 тимови со вкупно 200 луѓе и посетија над 700 населени места, се нотираа дури над 18.000 проблеми со кои се соочуваат граѓаните, а како што тогаш известија од партијата, решенијата ќе бидат дел од идната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е втора голема кампања овој пат насловена ,,Важно е! Од тебе зависат промените”.
Имено, од јануари па се до денес е активна кампањата „Промени на дело” каде што Мицкоски речиси најмалку два до три пати е присутен во општините чии градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а на кои се пушта во употреба ново изградена градинка, улица, пазар, водоводна или канализациона мрежа, или пак најава за изградба на некој нов проект.