Поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за нападот на косовската полиција во Бањска, денеска е уапсен. Одреден му е 48-часовен притвор.
„Полициски службеници на Управата за криминалистичка полиција извршија претрес во станот и другите простории на Милан Радоичиќ, кому му е одреден притвор од 48 часа“,соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Минатата недела Радоичиќ одговори на поканата на државните органи на Србија и во придружба на својот адвокат во својство на граѓанин даде изјава за околностите за трагичниот настан во Бањска.
Неколку дена претходно, претседателот Александар Вучиќ изјави дека Радоичиќ е во Србија и ќе биде сослушан.
Откако официјална Приштина го обвини за учество и организација на нападот на косовската полиција, Радоичиќ преку својот адвокат призна дека го организирал и учествувал во нападот во селото Бањска.