Блупринт групата за реформи во правосудството утрово најави дека ќе се повлече од понатамошното учество во процесот на изработка на новиот Кривичен Законик.

„Блупринт групата за реформи во правосудството активно следи и учествува во процеси за градење политики, преку конструктивно и професионално давање препораки. Во последно време сме сведоци на злоупотреба на таканареченото европско знаменце, европско право, казнени политики во овие рамки, како и извртување и злоупотреба на правото и правниот систем каде политички интереси го надминуваат јавниот интерес и општественото добро. Поради тоа, денеска ќе го соопштиме нашето повлекување од понатамошното учество во процесот на изработка на новиот Кривичен Законик, пренесувајќи порака дека групата нема да учествува во процеси каде вклучување на граѓанскиот сектор се користи како алатка за давање легитимитет на нелегитимното и незаконитото“, пишува во поканата за прес конференција на Блупринт групата.   Блупринт групата за реформи во правосудството е неформална мрежа на граѓански организации кои работат во областа на правосудството. Од  јуни 2022 година, Блупринт групата го спроведува проектот „За правда – граѓански придонес за унапредување на правосудството“ чија генерална цел е зголемување на влијанието на граѓанските организации во процесот на реформи во правосудството.