Израелската актерка Гал Гадот (38), која доживеа светска слава со улогата во акциониот филм „Wonder Woman“, се огласи за актуелните случувања во нејзината родна земја.
Борците на исламистичката организација Хамас во саботата го нападнаа Израел и убија повеќе од 700 луѓе. Израел возврати со воздушни напади врз Палестинците во Газа во неделата, при што загинаа стотици луѓе од двете страни.
Актерката сподели неколку објави на социјалните медиуми, со цел да ја подигне свеста за она што се случува во оваа земја на Блискиот Исток.
„Палестинската воена група Хамас уби најмалку 250 Израелци и држи во заложништво десетици жени, деца и постари лица во Газа. Од раните утрински часови се истрелани повеќе од 3.000 ракети. Хамас држи заложници, контролира бази и населби во Израел. Повеќе од 1.500 луѓе се повредени, а тешките борби сè уште траат“, напиша актерката во објавата и додаде: „Ме боли срцето. Се молам за сите оние кои се во болка“.
Во втората објава, Гадот напиша дека го поддржува Израел и потенцираше дека „светот не може да молчи додека овие ужасни работи се случуваат“.