Деветтемина велешани кои војната во Израел ги затекна како туристи, се вратија во Македонија. Со лет на албанската влада, тие од Тел Авив безбедно слетаа во Тирана, па оттаму со комби до Велес.
Еден од нив, кој побара да не му го откриваме идентитетот, за ТВ 24 раскажа дека првиот рактен напад над Израел се случил во утринските часови, додека тие биле на појадок.
Иако не почувствувал страв, велешанецот вели дека откако на телевизија виделе дека ситуацијата е сериозна, решиле да се вратат. Контактирале со македонската амбасада во Тел Авив, која веднаш им организирала лет за Тирана, заедно со албанска делегација која била во Израел. Велешанецот раскажува дека ниту по пат кон аеродромот не забележал дека е воена состојба. Потоа безбедно слетале во Тирана, каде што лично ги пречекал македнскиот амбасадор Данчо Марковски.
Деветтемина велешани се дел од 50-те лоцирани македонски граѓани во Израел, а нивниот вкупен број таму е околу 200. Премиерот Ковачевски вели дека се работи на лоцирање, а потоа и безбедно враќање на сите.
Претходно, МНР соопшти дека седум македонски туристи кои биле затечени во Витлеем, успешно ја поминале границата со Јордан, на безбедно се и во наредните денови се очекува нивно упатување кон земјава. Вчера утрото, четиричлено семејство затекнато во Тел Авив, преку комерцијален лет се упати кон Истанбул, од каде што исто така ќе го продолжи патувањето кон дома.
Од Надворешни апелираат до граѓаните на Македонија кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во Амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.