Премиерот Димитар Ковачевски, вечерва, на својот Фејсбук профил упати порака со поддршка на израелскиот народ по повод терористичките напади на Хамас врз Израел.
„Поддршка за Израел во овие тешки моменти. Силно и недвосмислено ги осудуваме терористичките напади на Хамас врз Израел. Нашите мисли се со израелскиот народ, со кој се солидаризираме и сочувствуваме. Апелираме за решенија преку дијалог, на светот му е потребен мир“, порача премиерот Ковачевски во неговата порака на социјалната мрежа Фејсбук.
Во знак на поддршка на Израел, вечерва, зградата на Владата на Република Северна Македонија беше „обоена“ со израелското знаме.