„Работиме кон подобра иднина: Независниот синдикат на здравствените работници бара зголемување на платите за 30%, нов колективен договор, зголемени бенефиции за работно искуство, 4% покачување на ризичните плати и трансформација на безбедноста на работното место.
Велат дека Министерството за здравство нема слух за нивните барања, со тоа што како одговор им предложиле зголемување на платите за 15% и тоа само за медицинските сестри со што синдикатот не се согласува . Почнувајќи од овој четврток, го започнуваат мирниот протест.
Тоа е процес на предупредувачки протести кои што ќе се одвиваат на работните места. Тоа значи дека за време на паузите од 10:30 до 11:00 часот вработените по свое размислување, по своја желба и каква желба имаат можат да излезат пред работните организации, половина час да протестираат или да седат на работните места, а да не работат. И сето тоа ќе биде направено да не се одрази на пациентите, значи се околу нив ќе биде завршено, меѓутоа мора да слушне власта за нас, вели Кристина Олевска, претседателка на Независниот синдикат на здравствени работници за ГОБ 8 Септември-Скопје .
Олевска, посветена медицинска сестра со 25-годишно искуство, која моментално заработува 28.000 денари месечно по само 10% покачување, работи на интервентна радиологија. Таа нагласува дека трошоците за живот станале неуправливи со оглед на сегашните стапки на инфлација.
Се бориме за сите, за достоинствен живот, поради тие причини излегуваме на предупредувачки протести, а крајна фаза ќе биде да мораме да излеземе и на улица, но жално и бедно е оние кои беа херои на 21-от век да излезат на улица, да бидеме заборавено минато… За колку вработени станува збор ? 22 илјади вработени во здравствениот сектор, додава Боби Бојчевски, национален координатор за здравство на КСОМ .
Според Костовски подеднакво важно е да се размисли и за бенефициран стаж во одредени сегменти во здравството.
Ние постојано зборуваме за вработени во ГОБ 8 Септември, во Геријатрија, во Клинички центар, но што е е со психијатриските болници, до каде ќе стигнат тие вработени ? Знаеме дека самите пациенти се со тешка дијагноза, тие секојдневно се среќаваат со таков тип на пациенти, дали тоа влијае на нивната психа и нивното здравје ? вели Лазар Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија
„Ги повикуваме сите возачи на Итната медицинска помош! Придружете ни се овој четврток во едноминутниот протест со активирање на вашите сирени и трепкачки светла за да ја покажете вашата поддршка за решавање на проблемите со кои се соочуваат здравствените работници.
Според Министерството за здравство, годинава веќе двапати се покачени платите на здравствените работници. Ова се значителни зголемувања, вклучително и неодамнешното покачување од 10%, како и исплата на бонуси на крајот на годината, според Меџити. Но, поради ограничувањата во ресурсите и буџетот, не се можни натамошни зголемувања, како што беше соопштено до синдикатите на средбите со Министерството за здравство, како што е наведено во официјалната кореспонденција на министерството.