Најголем дел од евидентираните природни непогоди, околу 80 проценти се пожарите и поплавите се вели во анализата на Центарот за климатски промени, која се однесува на појавата на природни непогоди во Македонија во периодот 2005 – 2022 година, анализирани по општини и региони.
-Анализата по општини покажува дека нај ранливи и најизложени на пожари се општините Кочани, Кавадарци, Кратово, Неготино и Велес. Во однос на поплавите, најзагрозени се Чешиново Облешево, Кочани и Демир Хисар. Во случајот на Кочани, индикативно е што добар дел од поплавите се предизвикани од излевање на атмосферски води, па неопходно е подобрување на релевантната инфраструктура. Според плански региони, најголема изложеност на екстремни временски настани е регистрирана во Вардарскиот регион, по што следуваат Источниот и Североисточниот регион, вели претседателката од Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска-Пецуровска.
Според анализата по години, најголем број на настани се евидентирани во 2011 и 2012 година (30% од вкупниот број настани во целокупниот анализиран период). Во однос на евидентираната штета, мора да се истакне дека постојат податоци за само мал дел од настаните (20%), но сепак таа е висока и изнесува над 82 милиони евра. Животот го загубиле повеќе од 30 лица, но притоа мора да се истакне неусогласеноста кај различните извори на податоци во однос на овој параметар.
– За жал, често дел од општините кои се најзасегнати односно најизложени на природни непогоди, не се организирани во делот на справување со ризиците, особено во делот на подготвеност на соодветни стратешки документи и планови, но и во делот на кадровска и техничка екипираност. Слабостите во организацијата на расположливите човечки капацитети, несоодветната приоретизација на овие проблеми како и неодговорното буџетирање, често ќе биде и во иднина причина за неисполнување на обврските на општините за справување со овие ризици и последици, вели Станојевска-Пецуровска.
Затоа, нагласуваат тие дека е потребна поголема свест и одговорност кај донесувачите на одлуки на локално ниво, за важноста од регулирање на оваа сфера и зајакнување на капацитетите за превенција и справување со овој вид ризици. Во оваа насока добро е да се воспостави пракса на размена на искуства во склоп на плански региони и/или помеѓу општини, во тесна соработка со Центарот за управување со кризи (ЦУК).
-Неопходно е да се работи повеќе на утврдување на соодветни механизми кои ќе се засноваат на системи за рано предупредување со цел да се спречат посериозни последици. Одговорните институции и донесувачите на одлуки да започнат да ги приоретизираат овие проблеми на локално ниво, да одвојуваат поголеми средства за превенција, но и соодветно и навремено да планираат мерки со цел да овозможат соодветен одговор кон идните природни непогоди и климатски екстреми.
Исто така неопходно е да започнеме да ги класифицираме високите, ниските температури на воздухот, и сушата како природни непогоди, со цел понатамошна анализа и реализација на соодветни мерки за справување со ризиците од овие природни непогоди. Истовремено, неопходно е информациите за предвидувањата за природни непогоди и евидентираните настани да бидат полесно достапни до граѓаните и сите заинтересирани страни како би можело да се постигне поголема заштита на граѓаните и отпорност кон природните непогоди, апелираат од Центарот за климатски промени.
Анализата на екстремни временски настани е реализирана во рамките на проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“, финансиран преку проектот „ГО и во акција за климатските промени“, спроведуван од Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници – МЗМП и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија. Изразените ставови и мислења се на авторите и издавачот и нужно не ги одразуваат позициите и ставовите на Еко-свест и на донаторот – Владата на Шведска.