Оние што ќе носат одлуки и што ќе прават реформи први ќе влезат во ЕУ, а тие што нема да носат одлуки и што нема да прават реформи тоа ќе го сторат кога ќе се охрабрат и кога ќе имаат капацитетност тоа да го направат, изјави вечерва на прес-конференција во Тирана премиерот Димитар Ковачевски, кој учествуваше на Самитот на Берлинскиот процес.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали разговарал со холандскиот премиер Марк Руте за неговиот став да нема датуми и рокови за проширување, Ковачевски рече дека Холандија е голем пријател на нашата земја, но и дека оние земји што ќе бидат подготвени ќе влезат побрзо во Унијата.
-Премиерот на Холандија Марк Руте е голем пријател на нашата држава и Холандија и неговите ставови се секогаш јасни. Кога зборуваме за проширувањето, многу јасна беше и изјавата претходно во Блед и подоцна на претседателот на Европскиот совет и на другите лидери дека тие сакаат да ја подготват Европската унија за проширување до 2030 година, што значи дека реформите треба да се одвиваат во земји – членки во самата Унија за да може да функционира за важни прашања за нивното интерно оперирање со повеќе земји членки. Меѓутоа останува фактот дека оние што ќе бидат подготвени, тие ќе влезат побрзо, оние што нема да бидат подготвени ќе влезат подоцна така што не постои рок за сите земји одеднаш туку тие кои што ќе бидат подготвени да влезат во ЕУ тие ќе влезат, тие што нема да бидат подготвени тие нема да влезат, рече премиерот.
Посочи дека Северна Македонија е карактеристичен пример бидејќи ние го започнавме нашиот кандидатски статус заедно со Хрватска, која беше дел од Западен Балкан, а денес е земја – членка на Европскат унија со воведено евро, дел од Шенген.