Најпрвин правеа спектакли и естрадни атракции кога им упаѓаа на луѓето дома, кога со качулки на главите, со лисици на рацете ги изнесуваа ги носеа и потоа од сам старт без да ја почитуваат презумцијата на невиност ги обвинуваа дека се криминалци, дел заслужено, дел незаслужено. Од тие кои едно време беа шарени револуционери и кои што скандираа „Нема правда нема мир“, денеска од тие големи лавови и херои гледате дека не останаа ниту мали мачиња барем да бекнеа, да гукнеа нешто за ова што се случува, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Општина Зелениково во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“, одговарајќи на новинарско прашање околу прекинот на дузина судски предмети.
„Навистина трагично е тоа што ваквиот начин каде што се имплементира политичка неказнивост, но истовремено се обезбедува идна амнестија за сторените кривични дела изминативе 6 години го разочарува народот, го демотивира народот и затоа денеска ние сме сведоци на цели семејства коишто ја напуштаат Македонија затоа што се разочарани и обесхрабрени затоа што немаат надеж“, додаде Мицкоски.
Мицкоски исто така вети дека во првите 100 дена откако ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада јавноста ќе види јасно што значи резолунтна и робусна борба и искоренување на криминалот и политичката корупција.
„Мора веднаш да се влезе во агресивно и робусно во борба со ваквиот тип на сторители за коишто постои основано сомневање за сторено кривично дело, бидејќи некако ни стана нас пракса да постои неказнивост, а таа пракса лоша е и за државата, а најмногу е лоша за граѓаните бидејќи ги разочарува“, потенцираше Мицкоски.