Денеска во Долно Лисиче официјално беше откриена бистата посветена на загинатиот бранител Игор Драганов кој животот го загуби пред 16 години, бранејќи ја татковината. На настанот присуствуваа градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, претседателот на советот, Дејан Митески, како и претставници на советот и на општината. Станува збор за спомен обележје изработено и поставено од страна на општината, а на иницијатива на семејството на Игор.
Градоначалникот Муцунски во своето обраќање потенцираше дека бистата ќе биде вечен спомен кон незаборавот на Игор и едно од малкуте дела на почит што општината и државата му ги должат на човекот кој загина бранејќи ја Македонија.
„Сите ние сме свесни за фактот дека овој споменик нема да ја намали болката на семејството или да ја надомести загубата за државата и неговите блиски, но ова треба да биде вечниот спомен кој никогаш нема бледнее и каде ќе се потсетуваме на храброста на човекот кој со својот херојски чин стана дел од бранителите на државата и со тоа доби место помеѓу најсилните, најхрабрите и најпочитуваните“, потенцираше Муцунски во обраќањето.
На настанот свое обраќање имаа и претставници на Министерството за внатрешни работи, Здружението на загинати бранители и членови на семејството на Игор Драганов. По неговото завршување делегациите положија свежо цвеќе, а од страна на учениците од ПОУ „Гоце Делчев“ беше изведен пригоден рецитал.
Денешното откривање на спомен бистата е уште една потврда дека Општина Аеродром не го заборава придонесот за бранителите на Македонија и понатаму, согласно законските прописи ќе презема активности нивниот придонес за државата да биде соодветно испочитуван.