Скопјани се возат во автобуси со просечна старост од речиси 12 години, од кои 32 се „санос“ купени во 1995 година. Со нив управуваат возачи на просечна возраст од 50 години. Тоа го велат податоците запишани во Годишниот извештај за работа на ЈСП во 2022 година, кој десет месеци по истекот на годината денеска е на дневен ред на седница на Советот на Град Скопје. Годинава староста на автобусите се зголеми за уште една година, пренесе Слободен Печат.
Нови автобуси не се набавени за да се создадат подобри услови за превоз на граѓаните од времето на градоначалникот Петре Шилегов, односно последните 33 автобуси „ман“ се купени пред повеќе од три години. По улиците сообраќаат најмногу кинески „јутонг“ возила, ги има дури 215, стари од 10 до 12 години, зависно од тоа кога биле испорачани во земјата. Во 2022 година градските автобуси поминале вкупно речиси 17 милиони километри, превезле 28,5 милиони патници и потрошиле 6,5 милиони литри нафта. Годинава староста на автобусите се зголеми за уште една година.
Со други зборови, граѓаните се превезуваат главно во стари и амортизирани автобуси, а кога повторно ќе има подновување не се знае иако градоначалничката Данела Арсовска во предизборната кампања тврдеше дека ќе се набат 250 нови еколошки возила. Нејзините обиди Советот да изгласа набавка на автобуси на кредит пропаднаа, затоа што советниците гласаа против вакво задолжување на Градот.
Што се однесува до бројот на вработени во јавното претпријатие, во 2022 година имало 1265, односно 54 помалку од претходната година. Во текот на годината од претпријатието заминале 150 вработени, најмногу од нив 75 потради пензионирање, 36 земале неплатено отсуство, а 25 заминале спогодбено. Просечна старост на вработените е 50 години, а просечен стаж 23 години.
Неизвесно е што ќе покаже извештајот на ЈСП за 2023 година, кој ќе се подготвува во наредната, со оглед на фактот дека годинава многу возачи заминаа да работат во странство, во јавноста се спомнува бројка помеѓу 60 и 100 луѓе, иако од претпријатието тврдат дека превозот функционира нормално, а неодамна во автобусите се качија нови 35 шофери.
Денеска советниците на седница треба да дадат и согласност за нови вработувања во ЈСП наредната година. Во годишниот план за вработување за 2024 година планирани се 182 нови вработувања од кои, меѓу другото, 48 мајстори во ремонт и одржување, како и 90 возачи на автобуси.
Во последните години ЈСП се соочува со недостиг на квалитетен кадар пред сѐ во секторот за ремонт и одржување каде претпријатието има кадар кој е пред пензија и вложуваат напор да најдат соодветни кадри кои навремено ќе бидат обучени и ќе можат да ја преземат работата. Исто така интересот за возачи на автобус во јавен превоз е значително намален и се јавува мала бројка на јавен оглас. Од овие причини претпријатието во секој момент мора да има активен Годишен план во кој ќе има предвидено вработувања за возачи на автобус во јавен превоз, мајстори во ремонтот и кадар кој е дирекно поврзан со услугата која ја дава – се вели во образложението на Годишниот план.
Градските советници денеска треба повторно да гласаат за уште една одлука поврзана со ЈСП, а тоа е износот за субвенции за оваа година да се зголеми од предвидените 440 милиони денари, на 550 милиони денари. Оваа одлука не бешѓе изгласана на претходната седница на Советот на Град Скопје.