Некаде во првата половина на февруари годинава на овие страници пишував за тоа како Владимир Зеленски, претседателот на Украина, „ги чисти корумпираните, но и можните политички противници“. Тогаш спомнавме за можна смена на министерот за одбрана, кој беше сменет во септември годинава. Но исто така и за можна смена на главниот командант на војската Валериј Залужњи, за која се проговори лани во август.
Деновиве во западните медиуми имаше текстови кои како да се нарачани да кажуваат дека има разногласија меѓу политичарите и војската во Украина.
Лани се зборуваше дека Канцеларијата на претседателот сака да го отстрани Залужњи, бидејќи на опкружувањето на Зеленски не му се допаѓа растот на неговата популарност во јавноста и на Запад. Официјално ова беше постојано демантирано. Но сепак, разговорите одново се повторуваа. Згора на тоа Залужњи беше, а се чини и е’ поддржан и од „навивачи“, како што се приврзаници на Петар Порошенко. Нив власта ги обвинува дека сакаат да внесат кавга меѓу Зеленски и Залужњи. Овој пак, се повеќе се јавуваше во западни медиуми, во кои го опишуваа како творец на победите на Украина над Русија. И го нагласуваа неговиот авторитет во војската и во јавноста. Сето ова создаваше почва за разговори дека опкружувањето на Зеленски би сакало да го оттурне Залужњи некаде во сенка. Дотолку повеќе што догодина ќе треба да има претседателски избори во Украина, но кои може и да не се одржат поради војната, а во време на прогласена воена состојба избори не може да се одржуваат.
Името на Залужњи исплива деновиве одново. И одново во контекст на некаков судир со Зеленски. Залужњи имаше текст во The Economist во кој кажа дека постои опасност војната во Украина да премине во позициска конфронтација. А тоа ќе биде од полза за Русија, бидејќи тогаш таа ќе успее да ја возобнови воената моќ. Таквиот вид војна, според Залужњи, е долга, со огромни ризици за вооружените сили на Украина.
„Доколку Украина сака да излезе од таа стапица, нам ни се потребни: предност во воздухот, значително подобрување на средствата за радиоелектронска борба и против артилериска борба, нови технологии за минирање, способност за мобилизација и тренирање на повеќе резерви. Треба да се сосредоточиме на современо командување и управување, на рационализирање на нашата логистика, истовремено поткопувајќи ја руската логистика со ракети од долг дострел. Нови иновативни приоди можат оваа војна да ја претворат од позициона во војна на маневри“, напиша Залужњи.
Тој имаше и интервју за истото списание. Според него ситуацијата на фронтот е влезена во ќорсокак, кога ниту една од страните не може да напредува, затоа што е еднакво технолошки опремена. И му личи на времињата од Првата светска војна. За да се излезе од ќорсокакот потребен е голем технолошки скок. За пет месеци Украинците минаа напред само 17 километри, а планот бил да се напредува по 30 километри дневно и да се стигне до Мелитипољ за три дена. Русите пак за Бахмут се бореа десет месеци за да освојат 36 километри квадратни. Текот на офанзивата ги поткопал надежите на Западот дека Украина ќе ја искористи неа за да демонстрира нарушување на сметките на рускиот претседател Владимир Путин и да го натера да седне на масата за преговори. Наместо тоа Залужњи гледал како неговата војска и техника се заглавени во минските полиња на приодите кон Бахмут на исток, додека неговата опрема испорачана од Западот е уништувана од руската артилерија и беспилотни летала. Истото се случувало и на главниот правец на офанзивата кон југ. И покрај тоа што новите и неискусни бригади биле опремени со современа западна опрема. Тоа се случувало и со руските војски кај Авдеевка. „Ние гледаме се’ што прави непријателот, а тој гледа се’ што правиме ние. За да се излезе од тој ќорсокак нам ни треба нешто ново, како барутот, кој што го измислиле Кинезите и со кој до ден денес се убиваме меѓусебно“, изјави Залужњи.
Овој став, за ќорсокакот, беше повод за критика на Залужњи од страна на Канцеларијата на Зеленски. Вториот човек во канцеларијата на претседателот, Игор Жовква, го критикуваше Залужњи, изјавувајќи дека тој не требал да им раскажува на западните медиуми за состојбата на работите на фронтот. Жовква додаде дека „текстот на Главниот командант на Вооружените сили на Украина предизвикал паника меѓу западните партнери на Киев“. Тука Жовква греши. Залужњи од сојузниците на Ураина очигледно бара ново оружје и многу повеќе. Западот сметаше дека украинската војска се покажала многу силна и им даваше оружје. Но кога Русите се престроија и започнаа со своја стратегија за војната, работите, еве, не одат како што сака Украина. Па затоа и реакцијата на Залужњи. Но Канцеларијата на претседателот дува и на јогурт. Па во тестот на генералот виде атака врз претседателот. И почна да фрла силен оган врз него.
Зеленски вчера во интервју за NBC го отфрли тврдењето дека воените операции на украинските сили се нашле во ќорсокак.
„Да луѓето се уморни, но во целост нашите луѓе се готови да се бранат, како и во првите денови“, изјави Зеленски. Тој го повика американскиот Конгрес да и додели пари за вооружување на Украина. „Ако Русија не убие сите нас, тие ќе ги нападнат земјите од НАТО, а вие ќе ги испратите да војуваат своите синови и ќерки. И тоа ќе биде… извинете, но цената ќе биде поголема“, рече Зеленски.
Без помош, Украина не ќе може да оди напред. Тој повтори дека нема преговори со Русија додека таа не ги повлече своите војски. Наспроти Залужњи кој тврди дека ситуацијата е пат и во ќорсокак, Зеленски изјави дека Украина подготвува „неочекуван удар врз Русија“. Дека се вршат последните подготовки за него. Според украинскиот претседател, клучен проблем што Русија го контролира небото. А решение за тоа е испораката на авионите Ф-16. Инаку, Залужњи во своето интервју изјави дека испораката на Ф-16 нема да направи пресврт на ситуацијата на фронтот, затоа што Русија веќе има системи за противвоздушна одбрана со голем дострел. Инаку вчера Зеленски увери дека ќе се спроведат неопходните промени, особено во однос на негрижата, „советизмот“ и бирократијата во армијата. Па најави и нова стратегија за војната.
Зеленски надоврзувајќи се на една изјава на Доналд Трамп дека за 24 часа ќе донесе мир во Украина, го повика да дојде во Украина и дека за 24 минути ќе му покаже дека тој не може да ја управува војната со Русија. Украинскиот претседател го користи својот талент за реторика и на секој начин се обидува да допре до Западот и посебно САД. И нивниот Конгрес. Парите прават многу во војната, а Украина ги нема. Советникот во Канцеларијата на претседателот, Михаил Подољак во едно интервју се искажа за противречностите меѓу Зеленски и Залужњи.
На прашањето на новинарот за постоење сериозни разногласија меѓу двајцата, Залужњи, кој смета дека Украина сега нема војска за офанзива и Зеленски кој бара резултати, Подољак одговори:„Претседателот е должен да бара од едни или други функционални единици исполнување на договореното. Имајќи ја предвид нивната функционална обврска. Би било лошо доколку претседателот не бара деокупација“.
Според Подољак претседателот сосема добро ја сфаќа ситуацијата на фронтот и постојните ресурси. Освен тоа тој вели дека претседателот не носи непосредно воени решенија.
„И би додал, нема никакви разногласија меѓу военото и политичкото раководство“, изјави Подољак.
СУПЕРИОРНОСТА НА РУСИТЕ
Но демантот на неговото тврдење не чекаше долго. Генерал мајорот Виктор Хоренко, во петокот го сменија од командант на Специјалните сили. И тоа без да знае неговиот командат Залужњи. И не на негов предлог, како главен командант. Претседателот донел декрет на барање на министерот на одбрана. Хоренко за својата смена дознава од медиумите!. Го прашал Залужњи, овој рекол дека ништо не знае за смената. Подоцна се јави министерот и кажа дека тоа било на негово барање. Во саботата руските сили убија речиси триесетина украински војници и над 50 ранија.
Наводно биле построени за делење награди, но Русите ги откриле и нападнале со ракета. И за ова на Врховниот камандант не му рапортирал Залужњи, кој одговара за војските, туку министерот за одбрана Рустам Умеров. На тие простори обично пресметките одат прво со соработниците, а потоа и со главниот. Нема да биде изненадување ако наскоро биде сменет и Залужњи.
Со различните гледања на војната меѓу Зеленски и Залужњи се занимаваат многу медиуми и експерти. „Гласините за напнатоста меѓу претседателот и главниот командант на вооружените сили по повод стратегијата и назначувањето на командантите ги имаше во Киев повеќе од една година, но порано тие не предизвикуваа разногласија во јавноста“ пишува „Њујорк тајмс“. И додава: „Јазот што се појавува меѓу генералот и претседателот доаѓа на фонот на воените и дипломатските тешкотии на Украина“.
Си-Ен-Ен исто така се осврна на темата на текстот на Залужњи. Телевизискиот канал сугерира дека „мрачната“ статија на главниот командант ја „скрши“ сликата што претседателот им ја создаваше сето ова време на Украинците. „Точката на гледање на Залужњи понуди ретка алтернатива на обнадежувачките изјави, кои станаа секојдневие од политичкото раководство на Украина. Речиси секоја вечер, Зеленски ја повикува јавноста да продолжи да верува во потенцијалната победа на земјата. Но, за многу Украинци, оваа цел сè уште изгледа недостижна. пишува изданието, повикувајќи се на разговори со Украинци. Меѓу нив е и заменик-командантот на артилериската единица кај Бахмут, кој се согласил со она што го рекол Залужњи.
„Таму каде што стоиме, постојано ја чувствуваме супериорноста на Русите и во извидување и во огнена моќ. Тие имаат огромно количество топовска артилерија. Тие се инфериорни во прецизноста, ова е факт, но тие се супериорни по бројот на гранати. Особено во последно време разликата е забележлива, бидејќи добиваме се помалку муниција“, рече тој.
Тонот на овие материјали е прилично индикативен. Тој јасно ја спротивставува верзијата на главниот командант за ќор-сокакот на фронтот, со „оптимизмот“ на претседателот и е далеку од тоа да биде во корист на последниов.
NBC News.повикувајќи се на чиновници од САД и ЕУ во саботата заклучи дека САД ја водат работата кон преговори. Чиновници во сенка разговараат со Киев на темата преговори. Разговорите вклучуваат „заеднички рамки за тоа од што, можеби треба да се откаже Украина за договор за мир со Русија. Разговорите би можеле да се забрзаат нагло во почетокот на наредната година. Посебна рунда од такви преговори на Американците со Украина имало во октомври. Консултациите со Киев „почнале на фонот на загриженоста на американските и европските чиновници по повод тоа што војната е влезена во ќорсокак и дека тие не можат да продолжат да и даваат помош на Украина. Украина има уште некој месец пред да почнат итни дискусии за мировни преговори, пишува изданието.Наводно САД и ЕУ се подготвени за такво нешто, но не знаат дали Русија е подготвена да води преговори. Во Украина ги демантираа овие содржини на NBC. Во саботата Зеленски се сретна со претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен и на прес конференција изјави дека него никој не го притиска. Имало притисоци пред почетокот на војната и на нејзиниот почеток. Но денес нема никакви притисоци од лидерите на ЕУ и САД.
ЛАДЕН ТУШ ЗА ЗЕЛЕНСКИ
Капак на овие текстови беше текстот во американски TIME минатата недела. Новинарот Сајмон Шустер престојувал во Киев, а ја следел и последната посета на Зеленски на Вашингтон. Од што произлезе текст. Сајмон Шустер е одликуван во 2022 година со орден од страна на Зеленски. Во текстот тој зборува за проблемите со кои се судира украинската власт. Според Шустер посетата на Зеленски на САД во септември била ладен туш за него. Тој јасно видел како се менува односот, дури на главниот сојузник на Киев во војната, кон потребите на Украина. И посетите на други сојузнички земји потврдиле дека “глобалниот интерес кон војната е ослабен, исто како и нивото на меѓународна поддршка. Зеленски му кажал на авторот на текстот дека „Најстрашно е тоа што дел од светот привикнал кон војната во Украина. Зеленски зборува за умореност на државите од војната. Притоа тој признава дека не ја губи вербата во победа на Украина. „Никој не верува во нашата победа, како јас. Никој“, вели Зеленски во интервјуто. Меѓутоа, напорите тоа чувство да им се предаде на сојузниците „ја одзема целата сила, енергијата“.
После посетата на САД Зеленски бил лут. Особено по повиците на западните лидери да се бори со корупцијата, како одговор на неговото барање оружје. После таквите средби тој се чувствувал предаден од сојузниците. Тие го оставиле само да преживее во војната. За Зеленски замрзнувањето на војната е пораз. Тој бара од војската да напредува, но како што пишува во текстот, во армијата расте незадоволството од тоа. Извори од Канцеларијата на претседателот изјавуваат дека некои команданти на фронтот се откажуваат да ги спроведуваат наредбите за офанзивата, дури и ако таа доаѓа од Канцеларијата на претседателот. Одговорт е:„ Со што? Нема ни луѓе, ниту оружје, вели офицерот. Каде е оружјето, каде е артилеријата, Каде се ново мобилизираните?“ Од Канцеларијата на претседателот дури прогнозирале дека ќе има смена на најмалку еден министер и висок генерал. Не се кажува кој, но како што стојат работите тоа би можел да биде и Залужњи. Авторот на метријалот навраќа и на корупцијата за која Зеленски вели дека е сериозна ситуацијата со неа и заканата што ја претставува таа за моралниот дух на Украина и нејзиниот однос со странските партнери.