Македонскиот кошаркарски првак, МЗТ Скопје на денешен ден го доживеа најголемиот успех во својата историја. „Металците“ пред 27 години направија чудо во „Јане Сандански“, или популарната „лименка“ и го совладаа големиот кошаркарски гигант и тогашен шесткратен европски првак, Реал Мадрид, со 69-68, во рамки на тогашниот „Еврокуп“ на ФИБА, објавува Гол.
Ден по победата на Работнички над Скаволини следеше уште една сензација во Еврокупот од страна на македонски тим. Аеродромци пред својата публика, пред повеќе од 1.500 гледачи одиграа историски меч за кој ќе зборуваат генерации и генерации. На колена пред „штрковите“ тогаш паднаа светски имиња како Хуан Антонио Оренга, Хуан Антонио Моралес, но и Дејан Бодирога, еден од најдобрите кошаркари на Балканот, како и Жељко Обрадовиќ, кошаркарскиот лисец кој подоцна станува најтрофеен тренер во Европа.
По поразот во Шпанија од 65-92 многумина го отпишаа МЗТ предвреме, но македонскиот клуб покажа заби и приреди вистинска сензација која се смета за една од најголемите успеси на македонската клупска кошарка. Херој на екипата беше македонската легенда Перо Блажевски, кој имаше мирна рака во финишот и двапати поентира од линијата за слободни фрлања на три секунди до крајот, за конечни 69-68. „Тишина е потребна“, кажа тогаш Љубомир Николовски, коментатор на телевизијата А1 на која имаше директен пренос, а Блажевски со мирен шут ги реши „кралевите“ и приреди големо славје во Аеродром кое траеше до раните утрински часови.