По обилните врнежи 192.000 луѓе во близина на неколку реки се под закана од поплави, соопшти синоќа властите на регионот Па-де-Кале.
Поради ризикот од поплави, 74 училишта во северна Франција денеска и утре ќе останат затворени.
Од почетокот на поплавите во понеделникот, противпожарната бригада е повикана на 860 интервенции. На вкупно 5.200 луѓе им е исклучено снабдувањето со вода за пиење и им е дадена флаширана вода. Поплавени се околу 60 куќи.
Националната метеоролошка служба Метео Франс соопшти дека постојаниот дожд, исто така, предизвикал излевање од коритата на малите реки во северна Франција.
Во изминатите 20 дена наврна три пати повеќе дожд од вообичаеното. На некои места за шест дена падна дожд колку што обично паѓа во цел ноември. Фотографиите од воздух направени од весникот La Voix du Nord покажуваат големи површини копно под вода.