Институтот за европска политика ја објави својата кратка анализа на извештајот на Европската Комисија за Македонија за 2023 година.

Анализата на оценките на Комисијата за Македонија води кон два заклучока:

Во однос на минатата година, оценката за подготвеноста за преземање на обврските од членството е повисока само во едно поглавје. Ова е очекувано имајќи го предвид пристапот на Комисијата во изминатата декада, за кој пишувавме во минатогодишната анализа.

Оценките за напредокот се послаби од минатата година, па наместо „одреден напредок“, доминантна оценка е немање напредок или „ограничен“ напредок. Тоа што треба особено да нè загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучни области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како дел од кластерот Темели.

Овие заклучоци се загрижувачки од неколку аспекти. Од една страна, ние како држава континуирано го потенцираме своето високо ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ. Оваа општа стагнација и во комбинација со недостатокот на напредок во поглавјето 23: правосудство и фундаментални права го поткопува тој аргумент кој го користат поддржувачите на нашата ЕУ интеграција. Од друга страна, долгоочекуваниот План за раст, кој го објави Комисијата оваа година, директно го условува напредокот во реформите со достапноста на поддршка од ЕУ, поради што наодите од извештајот оваа година би требало да се сфатат особено сериозно.