Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обрати на министерскиот совет и, како што се очекуваше, ги обвини останатите земји членки, а особено ЕУ и САД, за лицемерие и непочитување на принципите на кои почива ОБСЕ.
Обраќајќи се на, како што рече, бриселската бирократија Лавров тврдеше дека Европа има проблем со фактографијата и со објективноста и дека заклучоците што ќе се усвојуваат на ОБСЕ овие два дена – се подготвени однапред, сакајќи да каже дека не се резултат на политичкиот дијалог. Тој притоа ја обвини ОБСЕ дека молчи кога се загрозува слободата на медиумите во западните земји и се врши врз нив репресија, а ја напаѓа за тоа Русија и дека во Организацијата константно се одбиваат барањата на Москва да се разговара за неонацистичките движења низ Европа и во Украина.
Украина, пак, ја обвини дека сака да избрише се што е руско во земјата, дека не признава постоење на руско малцинство, дека го забранува законски рускиот јазик и дека води „одвратна кампања“ против руската црква во земјата, и сето тоа, нагласи Лавров,не е по последната руска интервенција туку почнало во 2014 година, веднаш по договорот за мир склучен со гаранција на Германија, Франција и Полска.
Со порака дека „неонацистите се добредојдени во ЕУ“, тој заклучи дека нема место за оптимизам и дека ОБСЕ станалa говорник на западните земји.
Првиот говорник по Лавров, данскиот шеф на дипломатијата Расмусен оцени дека неговите пораки биле манипулативни, со порака „толку од дијалогот“ – бидејќи рускиот министер според него веднаш по говорот што го одржа излегол од состанокот.
Од многуте божем барани средби со Лавров, беше објавено дека тој неочекувано се сретнал со шефот на ерменската дипломатија Арарат Мирзојан , во услови на тензични ерменско-руски односи. Ереван ја отфрли поканата на Москва да преговара со Азербејџан во руски формат.