Исчезнатата Вања го крена регионот на нозе. Освен професионалноста на одредени медиуми, дел од нив, како и поединци се решија да шират невистини и вознемирувачки информации на социјалните мрежи за исчезнувањето на 14-годишното девојче.
Семејството, полицијата, но и професионалните здруженија како ЗНМ, Советот за етика и СЕММ апелираат да не се шират дезинформации на социјалните мрежи и во медиумите затоа што попречуваат во истрагата и го вознемируваат семејството.
Четврти ден нема информација ниту каде е ниту што се случи утрото во понеделникот откако Вања тргнала на пат кон училиште. МВР објави потерница, а оваа информација се прошири на сите јазици во регионот.
Тоа што се случува со лажните вести што се шират за исчезнатата Вања е најдобар доказ како дезинформациите можат и влијаат негативно во животот на луѓето, сметаат експертите. За откривање на лажните профили и тие кои шират лажни вести потребен е придонес на секој од нас, вели Кордалов.
На барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнатата Вања Ѓорчевска од страна на Интерпол. Истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање на лицето, велат од Министерството. Формиран е и специјален штаб.
„Извршени се низа активности, проверки и добиени се изјави, разговор со семејството итн. Со цел да дојдеме до некаква првична информација. Интензивно работи посебен тим формиран од страна на СВР Скопје. Апелираме до граѓаните навистина да ги добиваат информациите од МВР и на тој начин најмногу ќе помогнеме да се постигне целта“, велат од Министерството.
На телефонскиот број 112 се јавуваат граѓани по што полицијата веднаш постапува. Сите досегашни вести за наводно пронаоѓање на девојчето МВР експресно ги демантираше.