СВР Скопје со 100 отсто ефикасност во расчистување на кривични дела поврзани со дрога, ефективност од 59 проценти на дела од насилниот криминал, а откривањето на бесправна сеча на дрва е зголемено за 150 отсто, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој денеска беше во посета на Секторот за внатрешни работи Скопје.
Целта на работната посета на Спасовски и средбата со раководството на овој сектор, е во сумирање на резултатите од годината што изминува, во која полициските служби постапувале по над 80.000 пријавени настани, кривични дела, прекршоци, асистенции, обезбедувања на јавни собири, манифестации и натпревари, во единицата на МВР, која покрива територија од околу 1.800 km2 на која се протегаат 17 општини.
Според податоците кои беа презентирани пред министерот Спасовски, безбедносната состојба на подрачјето на СВР Скопје е на задоволително ниво, а во споредба со истиот период минатата година евидентно е намалувањето на бројот на регистрирани кривични дела и зголемена ефикасност на полицијата во нивно расчистување.
-Посебно би споменал дека во 2023 година, СВР Скопје бележи значајни резултати во борбата со недозволената трговија со дрога, при што ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела изнесува 100 отсто, а кај делата од областа на насилниот криминал евидентирана е ефективност од високи 59 проценти. Имено, на ова подрачје во изминатиот период откриени се три нелегални лаборатории за производство на марихуана и синтетички дроги, поточно амфетамин, и тоа во март, октомври и ноември годинава, рече Спасовски.
Тој посочи дека при извршени 129 претреси во дом и други простории, лишени од слобода се 612 лица, вкупно се поднесени 125 кривични пријави, а за одбележување е зголемената заплена на сите видови наркотични дроги и тоа: 164 кг марихуана, 325 стебла марихуана, околу 3.500 МДМА таблети, 400 г кокаин, 1.2 кг хероин и 8,8 кг амфетамин.
– Во делот на шверцот со оружје, како уште еден стратешки приоритет на МВР, СВР Скопје, исто така, бележи солидни резултати со поднесени 39 кривични пријави со кои се опфатени 43 лица, истакна Спасовски.
Според него, ефективноста во реализацијата на делата од класичниот криминалитет изнесува 11 проценти, кај економскиот криминал 51 отсто, додека кај делата од организираниот криминал е 40 проценти. За одбележување, вели Спасовски, е и бројката од 345 приведени лица од страна на Тимот Потраги при СВР Скопје кои биле барани по распишани потерници, за издржување или доиздржување на затворски казни, но и за истражни дејства на барање на обвинителствата.
– Во периодот јануари-октомври 2023 година во споредба со истиот период лани евидентирано е намалување на регистрираните кривични дела од економски криминал за 28 отсто, за „Разбојништво“ за 33 проценти, а зголемена е ефикасноста за 46 отсто во откривање на сторители на кривични дела од имотен криминал. Годинава зголемена е откривачката функција за ’бесправна сеча и кражба на огревно дрво за 150 отсто. Покрај ова, постапувајќи по стратешките приоритети, заклучно со октомври 2023 евидентирано е намалување за 23 проценти на кривичните дела „насилство“. За одбележување се и 388 активности од Одделението за превенција при СВР Скопје кои во изминатиот период спроведоа значајни кампањи, проекти и активности за заштита од повеќе области на криминал, рече Спасовски
Тој се осврна и на неколкуте оперативни планови на подрачјето на СВР Скопје со цел одржување на поволен јавен ред и мир и стабилна безбедносна состојба, меѓу кои „Безбедно лето“, „Безбеден град“, како и акциски контроли по разни основи. За илустрација, само во рамки на планот „Безбедно лето“ 894 кривични дела се комплетно расчистени со поднесени кривични пријави против 824 сторители.