Факт е дека во оваа држава за жал постои стимулирање на девијантно однесување на одредени поединци кои веруваат дека се над законите и процесите и не е дека некој стимулирал. Системот создал уверување кај групи дека има неказнивост во овој систем и тоа е тоа за што треба да разговараме и да видиме кои се чекорите да се преземат – истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во вечерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа.
Тој додаде дека во моментот сме опкружени со еден систем кој стимулира и дозволува такво нешто.
– Сите кои сме во јавниот живот треба да се запрашаме како да се однесуваме кога имаме пристап до медиум затоа што, еве, во сферата на политиката, слушам други политичари дел од нив пратеници, носители на одредени функции, како зборуваат дека ќе ве стреламе, ќе ве бесиме, ќе лежите и сето тоа, тој начин на изразување и говорење, го гледаат дома и млади деца и бидејќи нели политичарот е репрезент на граѓаните и си велат, ако политичар ви вели ќе ве стреламе, ќе си лежите, ќе ве бесиме, тогаш таа агресија е општествено прифатена. Сите мора да го подигнеме нашиот степен на одговорност кога пред нас има камери и јавност бидејќи доколку не го направиме тоа стануваме соучесници во една општествена агресија која за жал се шири како епидемија – кажа Муцунски.
Тој истакна дека она што примарно треба да се отвори како прашање има три клучни прашања и дилеми што се отвораат.
– Прво, навремено МВР ги презело сите соодветни мерки од изјавите на министерот како што слушнавме, денеска се издвојуваат низа недоследности и тука се отвора второто прашање, а тоа е прашањето: човек бил пријавен, господинот Панче од Велес, дека исчезнал, но истовремено слушнавме дека неговото возило не било пријавено за исчезнато, тоа се движело 4-5 дена во државата и којзнае какви кривични дела се сторени. И третата суштинска дилема е на нас кои сме активни во политичките процеси, но зошто МВР и безбедносните служби систематски имаат дозволено и имаат толерирано една криминална група да се движи активно низ државата, да се претставува како медиумски создавач на мислење, да имаат пристап до веб страна која се преставува како медиум, а тоа е „Инфомакс“, каде што држат дебати заедно се таму неколку субјекти политички, вклучително и субјектот каде 4 членови и претседателот на партијата, се веќе не само осомничени туку и признаени за извршеното дело, тие се монструмите национални во оваа држава и сето тоа системски државата дозволува со години да функционира – вели Муцунски.
Тој додаде дека во тој медиум има криминално и криминоген однесување.
– Таму имаме збир на криминално и криминогено однесување, постојано економски и политички рекет. И сето тоа, одговорно тврдам, е финансирано и од едно акционерско друштво кое е 100% во државна сопственост и дозволено му е да функционира и тие луѓе со години држат емисии, шират омраза – истакна Муцунски.
Тој посочи дека монструмот Љупчо Палевски исто така објавувал и лажна информација за член од неговото семејство.
– Монструмот Љупчо Палевски прво објавувал лажна информација за член на моето семејство со слика од моето семејство, таа се споделува на Инфомакс, па потоа има цела дебата при тоа индиректно повикувајќи на агресија на моето семејство и лица активни во политичкиот свет, значи некој дозволил тоа да функционира – рече Муцунски.
Тој истакна дека се согласува со изјавата на потпретседателот Александар Николоски дека се има создадено Франкештајн општество и тоа е сè уште активно и на тоа треба да се стави крај.
– Одредената група поединци кои, претставувајќи се како медиуми, постојано спроведуваат односно има сомненија дека спроведуваат и друг тип на кривично правни активности на територијата на нашата држава. Не само што државата е свесна за тоа туку и од одредени државни институции го финансира сето тоа – заклучи Муцунски.