Доколку МВР на чело со Оливер Спасовски ги преземеше сите неопходни мерки за лоцирање на сега починатиот Панче и неговото возило, убиството на Вања можеше да биде спречено. Наместо инаетење, одговорност треба да понесат Спасовски и власта, потенцираше на денешната прес-конференција Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Со денови поставуваме прашања, а Спасовски затајува и манипулира. Сега ќе ја откриеме вистината. На 4 декември, кога Спасовски одржа заедничка прес-конференција со Гаврил Бубевски, тој за возилото на Панче изјави: „Возилото не се движеше до 27 ноември, а немавме информација дека го нема. Регистрирано е и од камери, како и возило Рено. Извршен е претрес во политичката партија Трета на која и припаѓаат одредени сознанија“. Тука Спасовски ја доведува јавноста во заблуда. Вистината е следна: МВР на 24 ноември знаеше дека сега исчезнатото возило на Панче исчезнало уште на 22 ноември, пет дена пред убиството на Вања.

Ковачки додава дека станува збор за телеграма од СВР Велес до сите СВР на територијата на Македонија, со напомена дека Панче Жежовски заедно со неговиот автомобил (оној што беше користен при киднапирањето на Вања) бил пријавен за исчезнат од член на семејството на 24 ноември.

 

Оваа телеграма е доказ дека МВР на Спасовски знаело за исчезнатото возило на Панче уште од 22 ноември но не преземало ништо. Напротив, полицијата презеде акција четири дена по пријавувањето на исчезнувањето, на 28 ноември, датумот кога е испратена оваа телеграма. По оваа прес-конференција очекуваме раководството на МВР да ја преземе одговорноста бидејќи доколку реагираа на 24 ноември и направеа јавен оглас за возилото можеби ќе беа пронајдени убијците на Панче, а Вања ќе беше спасена. Спасовски и врвот на МВР мора да преземат одговорност да не се повторат вакви случаи. Прикривањето на оваа информација служи само за амнестија на Спасовски и раководството на Министерството од политичка одговорност, и ништо друго, вели Ковачки.