Собранието на денешната 131 седница ја избра Јадранка Дабовиќ-Анастасовска за судија на Уставниот суд со 64 гласови „за“.
Судијката Дабовиќ Анастасовска по изборот ја потпиша свечената изјава со која се обврза функцијата да ја извршува совесно и одговорно и дека ги почитува Уставот и законите на државата.
Јадранка Дабовиќ-Анастасовска е избрана на предлог на СДСМ и доаѓа на местото на пензионираниот судија Јован Јосифовски, чиј мандат истече на почетокот на минатата година. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје, каде завршила и постдипломски студии по граѓанско право, а подоцна и докторирала.
Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, со седуммина од вкупно девет судии, бидејќи постапката за избор на нови членови на место на дел од претходните чиј мандат заврши заглави во Собранието.